Мексико и Панама “маратонски“ до полуфинале

20.07.2015 18:02

Во дербито на оваа фаза Мексико славеше над Костарика, со гол постигнат од пенал во 3 минута од судиското надополнување од второто продолжение...

Многу драматика, крајно неизвесни дуели и трилер завршница во двата 1 /4финални меча одиграни рано изутрина во Голд куп, на кој настапуваат земјите од Конкакаф зоната. Во дербито на оваа фаза Мексико славеше над Костарика, со гол постигнат од пенал во 3 минута од судиското надополнување од второто продолжение. По стартот на Милер врз Пералта во казнетиот простор на Костарика, беше досуден пенал кој Гуардадо го претвори во победоносен гол, за избегнување на пенал рулетот и пласман на “Златниот куп“ во полуфиналето. Претходно во регуларните 90 и се до финишот на дополнителните 30 минути мрежите мируваа.

Уште подолго траеше пресметката Тринидад и Тобаго –Панама, која во 90 минути заврши со по еден гол на двете страни. Панама поведе преку Тахеда во 36 минута, а Џонс израмни по 8 минути во второто полувреме. До крајот резултатот остана симетричен, иако Панамците имаа повеќе шанси, особено во продолженијата. Во пенал рулетот прв промаши нивниот играч Торес, но благодарение на одличните одбрани на голманот Пенедо кој дури 4 пати остана несовладан од белата точка Панама успеа да слави со 6 :5 и да се пласира меѓу 4 најдобри. Решавачкиот гол за триумф го постигна Пиментел. Ден порано САД ја декласираа Куба со 6 :0, а Јамајка минимално со 1 :0 беше подобра од Хаити. Според ждрепката, можно е посакуваното финале на најтрофејните селекции во историјата на ова натпреварување, на 9 –кратниот победник Мексико и 5 кратниот САД. Полуфиналните пресметки се играат во “Џорџија дом“ во Атланта на 22 јули, најпрвин домаќинот се среќава со Јамајка, а потоа Панама ќе игра со Мексико.