Компјутерската безбедност- приоритет за САД

21.07.2015 10:34

Компјутерската безбедност е приоритет за Соединетите Американски Држави. За пет години, бројот на поврзани компјутери во светот ќе биде поголем од бројот на населението. Американските државни институции неодамна беа цел на копјутерски напад при што беа украдени податоци на 4,2 милиони вработени...

Соединетите Американски Држави се честа цел на компјутерски напади од поединци, држави и организации. Неодамна Канцеларијата за личен менаџмент беше цел на хакерски напад, при што беа украдени лични и чувствителни податоци од 4,2 милиони вработени во ФБИ, Департментот за правда и Националната безбедносна агенција од страна на доста вешт хакер.

„Канцеларијата за личен менаџмент се уште работи со тимови на откривање на сите лица чии податоци биле украдени. Имаме цврсти докази за актерите зад нападот. Имаме водечки осомничени, но не сме подготвени да ги откриеме нивните идентитети. Да бидам искрен, компјутерска безбедност на федералните агенции не е каква што треба да биде, но преземаме мерки за подобрување“, изјави Џеф Џонсонсекретар на агенцијата Хоумленд Секјурити.

Неофицијално, се работи за кинески хакери коишто влегле во федералните агенции и украле лични податоци. Клуч за подобрување на компјутерската безбедност е поставување на повеќеслојна заштита преку програмата Ајнштајн, но и соработка и размена на информации меѓу државните институции и приватниот сектор. 

„Компјутерски напади се пософистицирани, почести и посериозни. Бројот на извршители, методи на изведување и жртви на компјутерските напади исто така се проширува. Ова има влијание на сите, на вработените во владата и во приватниот сектор во Америка, но и во светот. Не поминува ниту една недела без вести за хакирана организација. Овие напади доаѓаат од разни сторители. Национални држави со капацитет за компјутерски напади, криминалци мотивирани од профит и идеолошки мотивирани хакери или екстремисти“, објаснува Џонсон.

Досега само во оваа година биле регистрирани 32 инциденти со копјутерски напади.

Најголемата опасност за државните институции и приватните компании во САД се компјутерските напади.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ