Запленети 115 килограми режан тутун на Табановце
Вчера пред полноќ спречен обид за шверц на 115 килограми режан тутун...

Царинските службеници од граничниот премин Табановце – автопат вчера пред полноќ спречија обид за шверц на 115 килограми режан тутун.
Околу 23:30 часот, на излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце-автопат пристигна празно товарно моторно возило со српски регистарски таблички, управувано од српски државјанин со иницијали Г.Ј. Поради сомневање во изјавата на возачот дека нема ништо да пријави за царинска контрола, а согласно критериумите за анализа на ризик, извршена е дeтална контрола на возилото и товарниот дел, при што во кабината под креветот се пронајдени 115 паковки од по 1 килограм режан тутун, соопштија од Царината.
Стоката е привремено одземена, а против сторителот е отпочната соодветна постапка.
