До година ново зголемување на социјалната помош

21.07.2015 15:10

Владата ја исплати зголемената социјална и постојана парична помош за социјално ранливите категории за 10 проценти и зголемениот надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25 проценти...

Ќе продолжи да се зголемува паричната социјална помош за ранливите категории, кои со јунската исплата добија повеќе средства на своите сметки – најави вицепремиерот Ставрески при денешната посета на Дневниот центар за деца со церебрална парализа.

Владата ја исплати зголемената социјална и постојана парична помош за социјално ранливите категории за 10 проценти и зголемениот надомест за семејствата кои згрижуваат деца без родители за 25 проценти. Зголемената социјална помош е исплатена пред десетина дена, а вчера се исплатени средствата за постојаната парична помош и за згрижувачките семејства.

Вчера е извршена исплатата на зголемениот надомест за 25 проценти за семејства што згрижуваат деца без родители, која претходно изнесуваше од 6.000 до 8.000 денари, а сега ќе изнесува од 8.000 до 10 илјади денари. Истовремено  почнавме и со исплатата на зголемената социјална и постојана парична помош за околу 35.000 кроисници за 10 проценти, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Вицепремиерот Ставрески истакна дека Владата и понтаму ќе продолжи со поддршката на социјално ранливите категории во сите сфери и дека наредната година ќе има ново зголемување на социјалната и постојата парична помош.

Потенцира дека Владата води постојано грижа и за останатите ранливи категории при тоа потсети на поевтинувањето на лековите, обезбедувањето бесплатно здравство за лица без приходи, за пензионерите и слично.

Социјалната компонентата е силно изразена во рамки на Буџетот и ние и со овогодинешниот и со буџетите за наредните години ќе обезбедиме доволно средства за сите социјално ранливи категории, рече Ставрески.