Лига на шампиони - 2 коло квалификации

Вардар - Aпоел, како во старите добри времиња

21.07.2015 15:35

Во Скопје владее црвено - црна еуфорија и се потсетува на старите добри денови. Преносот од распродадената Национална Арена Филип Втори ќе почне некоја минута пред 20 часот на МРТ1...

Домашните трофеи никогаш не се доволни, црвено - црните и оние на теренот и оние на трибините се гладни за европски успеси. Вардар против Апоел е во позиција и теоретски да ја повтори 2003-та и елиминацијата на ЦСКА Москва. Тогаш вардарци ги делеа детали од пласман во фазата по групи во фудбалката Лига на шампионите.

Влез во елитата сега би било чудо, но не и вкупна победа против кипарскиот првак во 2-то квалификациско коло, па макар таа била остварана и на пенали. Главна причина за тоа се гостинските 0:0. Фудбалски, нема многу промени во пресрет на реваншот, поради искуството од четирите настапи во групниот сегмент, Апоел е фаворит, но сега на страната на Вардар ќе биде амбиентот и големиот мотив. Разликата од дуелот во Никозија треба да биде во тактичкиот пристап, пред своите 25 илјади навивачи, црвено - црните сепак ќе мора да играат за да постигнат гол.

Вардар и на овој натпревар ќе биде без капитенот Таневски, за Апоел пак, најверојатно ќе настапи стоперот Карлао кој поради повреда не го доигра првиот меч.

Во дветнаесетата европска сезона, без мечевите во Интертото купот, вардарци ќе го одиграат 50-от натпревар, 18-ти во елиминацискиот дел од Лигата на шампионите. Апоел има тројно плус дуели во Европа и петпати повеќе натпревари во елитата во којашто пред три години стигна и до четвртфиналето.

Но, во фудбалот бројките не играат, а во Скопје владее црвено - црна еуфорија и се потсетува на старите добри денови. Преносот од распродадената Национална Арена Филип Втори ќе почне некоја минута пред 20 часот на МРТ1.