Зголемена финансиска поддршка за земјоделците
50 проценти од каматата на инвестициските кредити, обезбедени преку програмата за рурален развој, ќе бидат покриени од државата. Владата ваквата одлука ја донела на последната седница, бидејќи профитите на земјоделците не се доволни за да се покријат се уште високите каматни стапки. Проектите на земјоделците од поплавените региони, пак, ќе се кофинансираат со 75 проценти...

Зголемена финансиска поддршка за аграрот. Проектите на земјоделците од поплавените региони во Могила, Новаци и Босилово ќе се кофинансираат со 75 проценти од потребните средства. Со пари од гарантен фонд, пак, ќе се покриваат педесет проценти од каматата за сите кредити за инвестиции на земјоделците. Средства има, поволностите се поголеми, на потег се земјоделците да аплицираат за парите од ИПАРД програмата. До крајот на годинава на располагање им се ставени 18 милиони евра, другите 11 милиони треба да се искористат до крајот на 2017-та година.
„Владата на последната седница минатата недела одлучи 50 проценти од каматата за сите кредити за инвестиции на земјоделците финансирани со ИПАРД програмата да ги покрива Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку Програмата за рурален развој. Со субвенционирањето земјоделците ќе треба да плаќаат од 2 до 4 проценти камата што сметаме дека е солидна“, изјави Михаил Цветков, министер за земјоделството, шумарство и водостопанство.
Земјоделците да побрзаат и да ги искористат парите наменети за набавка на земјоделска опрема и механизација. Јавниот повик е во тек. Висината на поддршката изнесува 3,5 милиони денари по корисник.
„Со поднесување на документација до платежната агенција којашто треба да се состои од барање, наведување на опремата која земјоделецот сака да ја обезбеди и поднесување на изјава заверена на нотар во која подносителот декларира дека тој и челеновите на неговото потесно семејство во изминатите три години не ја искористиле оваа мерка како државна помош за да обезбедат механизација“, изјави портпаролот на Владата на РМ, Александар Ѓорѓиев.
Досега над 10 милиони евра завршиле кај 8 илјади земјоделци, кои набавиле механиција преку оваа програма.
Игор Панов
