Идентификуван напаѓачот во Суруч

21.07.2015 16:43

Турските власти веруваат дека зад нападот стои припадничка на екстремистичката Исламска држава која била потпомогната од уште две жени борци од Сирија кои преминале во Турција...

Турскиот премиер Давутоглу изјави дека е идентификувана личност осомничена за самоубиствениот бомбашки напад во Суруч во кој загинаа 32 лица. Турските власти веруваат дека зад нападот стои припадничка на екстремистичката Исламска држава која била потпомогната од уште две жени борци од Сирија кои преминале во Турција. Генералниот директорат за безбедност уште минатиот месец предупредил за трите припаднички на Исламска држава дека би можеле да изведат самоубиствени бомбашки напади.  

„Има сериозен напредок околу идентификацијата на осомниченото лице. Безбедносните единици напорно работат да ги откријат сите врски со тоа лице во и надвор од Турција“, изјави Ахмед Давутоглу, премиер на Турција.

Во меѓувреме, полицијата во Истанбул со солзавец и водени топови од плоштадот Таксим ги растера демонстрантите кои ја обвинуваат владата за нападот. Турските курди се незадоволни од тоа што властите во Аанкара не преземаат доволно мерки за да го запрат дејствувањето на милитантите на Исламската држава. Турскиот претседател Ердоган ги осуди напаѓачите и изјави дека ги проколнува извршителите на оваа бруталност. Цел на терористичкиот напад беше општинскиот културен центар во Суруч каде што имало членови на Сојузот на здруженијата на социјалистичката младина како дел од летниот семинар за помош во обновата на Кобане, што се наоѓа непосредно од другата страна на границата во Ссирија.

„Фотографирав кон крајот на конференцијата. Бев речиси готов кога почувствував  жештина, како огнена топка. Потоа надтапи тишина, бидејќи ја загубивме способноста да слушаме. Не разбравме што се случува бидејќи не можевме ниту да си замислиме дека ваков нешто може да се случи“, сведочи еден од преживеаните.

Сојузниците на Турција во НАТО бараат построги контроли на границата со Сирија која минува покрај териториите под контрола на џихадистите на Исламската држава. Нападот во Суруч се случува неколку недели откако Турција распореди дополнителни сили на делови од границата со Сирија, поради ризикот од прелевање на борбите меѓу курдските сили, бунтовнички групи, сириските владини трупи и милитантите на Исламската држава.

 

Марина Автовска