Иновациите- мотор на американската економија

22.07.2015 10:13

Соединетите Американски Држави вложуваат во иновациите што е услов за успешноста на компаниите на глобално ниво. Законодавството за регистрација на патенти неодамна е во процедура на реформи за да се подобри конкурентноста на американските иноватори во светот...

Развојот и инвестициите во иновациите се моторот на американската економија. Со најновите откритија САД доминираат во светот. Затоа американските власти воспоставиле систем на регистрација на патенти што ги наградува иноваторите и ги штити од злоупотреба. Со зголемување на транспарентност на сопственоста на патентите и измените во законите треба да обезбедат поголема конкурентност на амеиканските иноватори.

„Овие реформи ќе обезбедат американските иноватори да останат на прво место во светот и покрај тоа што остатокот од светот се обидува да не достигне. Реформите не се криза на довербата во системот за патенти, туку начин да се зачува довербата со цел да се промовираат иновациите и технолошкиот прогрес. Една добра компанија никогаш не престанува да бара иновации, туку се адаптира на реалноста што постојано се менува. Најдобрите денови за американските иновации се пред нас“, изјави Мишел Ли-потсекретар за комерција за интелектуални права и директор на Канцеларијата за патенти и трговија.

До пред 35 години, финансирањето на патентите биле во рацете на американските власти. Но, државните институции не се добри бизнисмени, па Конгресот донел одлука управувањето со патентите да ги даде на истражувачките лаборатории во универзитетите.

„Овој систем е многу ефикасен во Америка. Според на најновите статистики од Здружението на американските менаџери со универзитетските лаборатории, во овие 35 години е направен профит од трилион долари, што доведе до формирање на илјадници компании, три милиони работни места и стотици нови лекови што го подобрија здравјето во земјата. Други држави сега се обидуваат да го копираат нашиот систем“, вели Мајкл Веринг, Универзитет на Мичиген.

Патентите се мостот од лабораториите до пазарот. Улогата на универзитетите е да се продаде идејата за некоја иновација на бизнисмените. 

Најуспешните американски компании се оние што вложуваат во иновациите и новите технологии.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ