Започна откупот на пченица во Пелагонија
Најголемиот мелничко-пекарски капацитет во Битола почна со откупот на пченицата од Пелагониското поле. Ниските приноси ја снижија и откупната цена која се движи од девет до единаесет денари за килограм. Цената е во согласност со светската берза- велат преработувачите кои потврдија дека остануваат на најавата за намалена цена на лебот...

Најголемиот мелничко пекарски капацитет во битолско го започна откупот на лебното зрно. На првиот откупен ден одзивот на земјоделците скромен, а и оние малкумината што ги затекнавме, со негативно расположение. Велат- оваа жетва е со најниски просечни приноси, а откупната цена која во зависност од категоријата на пченицата се движи од девет до единаесет денари, е капак на неприликите што не следат од есеноска.
„Обработувам окулу 30 хектари, просечното производство ми се движи близу 2,5 тони по хектар, пченицата ми е проценета на втора категорија што значи десет денари по килограм. Тоа не ги покрива нашите трошоци и навистина сум нзадоволен“, вели земјоделецот Драги Крстевски.
Дел од земјоделците бараат да нема категоризација, туку единствена цена за пченицата.
„Проценуват по девет, десет и единаесет денари, а сета пченица ја складираат во ист силост зошто според квалитетот не ја складираат во посебни силоси“, вели земјоделецот Пецо Утковски.
Од „Мигрос“ децидни- квалитетот се одредува според вообичаените параметри, со софистицирана опрема и во присуство на земјоделците на чии сметки за еден ден им легнуваат средствата за откупеното.
„Вршиме софистицирана анализа испитуваме глутен, присуство на суви материи, влага, протеини во пченицата. Имаме одличен апарат кој веднаш ги дава резултатите за која категорија е пченицата“, вели сопственикот на „Мигрос“, Ејуп Фејзовски.
Според него, цената е реална и во согласност со движењата на светските берзи. Пазарни случувања кои ќе одат во прилог на потрошувачите.
„Нема промена во нашиот став, ако остане ваквата откупна цена на пченицата, лебот ќе го поевтиниме за десет проценти“, вели Фејзовски.
Постапка на која се чини нема да се чека долго, затоа што според актуелните состојби, жетвата нема да трае долго.
Пелагониските земјоделци одамна не паметат послаба жетва. Со просечни приноси од два до два ипол тони по хектар производството ќе биде преполовено.
Ако во просечна година се жнееја окулу 70 илјади тони пченица, овојпат битолскиот дел на Пелагонија ќе испорача одвај 35 илјади тона лебно зрно.
Стевче Митревски
