Работнички верува во успех приотив Јелгава
Тренерот на Работнички, Игор Ангеловски на прес конференцијата изјави дека на реваншот се ќе зависи од неговите фудбалери, дека верува во нив, дека се подготвени да одиграат квалитетно и дека овојпат ќе ги искористат шансите...

Ситуацијата е иста и затоа нема да се менува ниту пристапот, Работнички и во првото квалификациско коло за УЕФА Европа лигата против естонска Флора анулираше гостински пораз од 1:0, па сега ќе треба да го повтори успехот и во дуелот со Јелгава. Летонците имаа среќа и во првиот меч триумфираа минимално, но во клубот од Дебар маало се свесни дека се поквалитетни и затоа најавуваат офанзива.
Тренерот на Работнички, Игор Ангеловски на прес конференцијата изјави дека на реваншот се ќе зависи од неговите фудбалери, дека верува во нив, дека се подготвени да одиграат квалитетно и дека овојпат ќе ги искористат шансите.
Работнички пропушти можност уште на гости да го реши двомечот против Јелгава којашто никогаш не го минала вториот елиминациски сегмент и својата шанса ќе ја бара во најквалитетниот дел, дефанзивата и прекините.
Капитенот на Работнички, Баже Илијоски потенцираше дека фудбалерите се мотивирани и полни со инат да докажат дека во Летонија не заслужиле да бидат поразени и дека во Скопје ќе постигнат голови колку што е потребно да минат натаму.
Во трите натпревари во единаесетата европска сезона, Работнички одигра добро, но е јасно дека утревечер на Националната Арена со почеток во 20 часот ќе мора да го крене нивото, особено на реализацијата за во Скопје да дојде Трабзон.
Врз Работнички, којшто петпати влегуваше во третото квалификациско коло е притисокот да остане единствената македонска екипа во европските купови, но ако решаваат исклучиво фудбалските елементи, тогаш пред романтичарите се отвора можност за реприза на пресметките со Лил, Болтон, Одензе, Ливерпул и Лацио.
