Хрватското приморје во пламен, алармантно на Пељешац и Корчула
Цела ноќ над сто пожарникари и војската се бореа со огнената стихија, но пожарите се уште не се локализирани. Во ризик се неколку населби. Почна евакуација на населението и туристите...

Хрватското приморје во пламен. И натаму алармантна е состојбата на полуостровот Пељешац и островот Корчула. Цела ноќ над сто пожарникари и војската се бореа со огнената стихија, но пожарите се уште не се локализирани. Во ризик се неколку населби. Почна евакуација на населението и туристите. Неколку автопати се затворени за сообраќај. Луѓето бегаат во паника.
„Изгоре целата фарма на татко ми. Изгоре целата стока... Почнавме да го гаснеме пожарот околу 9-10 часот. Но, селото почна да гори, не можевме ништо да направиме и почнавме да бегаме...“, велат жителите.
Теренот е непристапен силниот ветер ја отежнува работата на противпожарните екипи. Ангажирани се воени авиони и хеликоптери.
„Ветерот често го менува правецот и тоа ни создава проблеми. Ветерот е многу силен, некарактеристично за овој период од годината.“
Поради оштетени далноводи, без струја се делови од Трстеник и Пијавичино. Огнот проголта 1000 хектари шума и земјиште, целосно се пеплосани неколку автомобили и една винарница.
„Теренот е многу стрмен, вложуваме големи напори да го изгаснеме пожарот.тоа ја отежнува работата“, вели пожарникар.
Пожари ја зафатија и Босна и Херцеговина, локалните власти соопштуваат дека состојбата е под контрола. Се уште гори уште на неколку непристапни места, но куќите не се во опасност.
Марија Петковска
