Засилени препораки заради топлотниот бран
Можеме да бидеме продуктивни и со флексибилно работно време- велат од Конфедерацијата на работодавачите. За фирмите од денеска тече рокот за реогранизирање на активностите по препораките на здравствените власти поради топлото време. До идниот идниот вторник ослободени од работни оврски се и бремените жени и хронично болните над 60 години...

Од денеска бремените жени и хронично болните над 60 години се ослободени од работните обврски. Почнува да тече и рокот за работодавачите да ги реорганизираат активностите на градежните работници. Да не изведуваат активности на отворено во критичниот период од денот, е главната препорака.
„Мораме да почнеме да функционираме така кажано под сенка и ладовина. Тоа не значи дека неможеме да бидеме продуктивни, туку тоа можеме да го правиме со флексибилно работно време. Ова на некој начин е да се бизнис ориентирани, почитувајќи ги своите вработени, тие си го почитуваат својот бизнис, нека ги почитуваат препораките“, изјави Миле Бошков, претседател на Конфедерација на работодавачи.
Оние што можат, избегнуваат сонце во критичните часови, но често обврските неможат да чекаат.
„Се жалат на низок притисок, на малаксаност... Не излегуваме надвор. Само на работа и дома... Болки во главата во тилот...“, велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Лекарите остануваат на апелот да се носи светла и лесна облека, да се пијат течности и да се внимава со храната.
„Доколку имаат потреба да излезат надвор, тогаш мора да носат наочари, шапка и што побрзо да ги завршат обврските и да се вратат во своите домашни услови каде што е ладно“, вели д-р Снежана Макревска, специјалист по општа медицина.
Македонија и натаму е во жолта фаза. Метеоролозите најавија дека топлотниот бран ќе трае и во наредните денови. Совет и превентивни препораки за заштита може да се добијат и во здравствените пунктови во сите градови низ земјава.
Андријана Атанасовска
