Нова медицинска опрема за болницата „8-ми Септември“

22.07.2015 16:37

Опремата којашто најдоцна до февруари идната година ќе биде инсталирана во ординациите, ќе помогне за дијагностицирање на срцеви болести, а со неа ќе работат и лекарите од пулмологија, ендокринологија, урологија, физикална терапија, трансфузиологија и патологија...

Нова медицинска опрема вредна 2 милиони евра ќе замени дел од дотрајаната во скопската болница „8-ми Септември“. Опремата којашто најдоцна до февруари идната година ќе биде инсталирана во ординациите, ќе помогне за дијагностицирање на срцеви болести, а со неа ќе работат и лекарите од пулмологија, ендокринологија, урологија, физикална терапија, трансфузиологија и патологија.

„Со оваа набавка на одделението за кардиологија обезбедуваме нова опрема во вредност од околу 40 милиони денари која опфаќа: 7 нови ЕКГ апарати, 6 монитори за стандарден инвазивен мониторинг, 8 монитори со централа, 4 дефибрилатори со пејсмејкер, 3 апарати за дефибрилација, 4 холтер апарати за срцева акција, 3 холтер системи за крвен притисок, 2 ленти за ергометрија. Станува збор за апарати кои се значајни за целокупно унапредување на специјалноста, а со тоа и за подигнување на квалитетот на здравствените услуги од областа на кардиологија“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

Новата опрема следува како одговор на зголемениот број пациенти. Според статистиката во првото полугодие за 28% пораснал бројот на срцеви прегледи, додека во одделението за урологија бројот на пациенти е зголемен за 32 насто, информира Тодоров.

Тој вели дека лекарите се едуцирани за да ја користат најсовремената апаратура со која ќе располага болницата.

Анита Димитријевска