Парламентарна расправа за предлог- законот за окончување на лустрацијата
Пратениците ги вкрстија аргументите дали процесот на лустрација ја исполнил целта. Предлагачите велат да, претставниците на ДУИ и независната тројка се сомневаат дека го остварил ефектот...

Процесот на лустрација сакаме да заврши, но не значи дека со тоа се укинува или поништува прочистувањето на минатото од оние личности кои од идеолошко политички причини соработувале со тајната полиција, а кои потоа за нивната работа биле наградувани со позиции и материјални добра. На парламентарната расправа во прво читање, пратеникот Илија Димовски со објаснување за предлог законот кој предвидува да се стави крај на примената на Законот за лустрација, до 1 септември годинава.
Независниот пратеник Роза Топузовска-Каревска истакна дека е незадоволна од спроведување на лустрација зашто таа била задоцнета и се одвивала селективно и не ги опфатила сите слоеви на општеството.
Од ДУИ потенцираа дека и тие се сомничави од ефектот на лустрација зашто не се обезбедиле досиејата од тајната полиција на СФРЈ и не се откриле доследно сите соработници на државната безбедност кои вршеле репресија врз албанското население.
Инаку, во досегашниот тек од работењето на Комисијата за лустрација била откриена соработката на околу 300 лица кои во поранешниот систем, но и во демократскиот систем во суверена Македонија извршувале важни државни и јавни функции, а за кои според Законот е предвидена забрана за работа во државната и јавната администрација во период од пет години.
За седум години од процесот, Комисијата прегледала над 30.000 досиеја кои биле доставени од поранешната служба за државна бебедност, од Агенцијата за разузнавање од Воената служба за разузнавање и од Државниот архив.
Игор Панов
