Хрватска: Пожарот на Пељешац под контрола, но и натаму се заканува

23.07.2015 10:38

Непредвидениот дожд помогна го гаснењето на пожарите во Хрватска, но сепак тревогата е во сила. Пожарите се закануваат на полуосторовот Пељешац и на островот Корчула...

Дожд донесе олеснување на деловите од хрватскиот полуостров Пељешац каде што во текот на ноќта стотици пожарникари и војската со авиони и хеликоптери за гаснење се бореа против огнената стихија. Иако конечно е под контрола, пожарот и натаму се заканува – фронтот се движи кон Пониква и Забрџе, каде што жителите се обидуваат да ги одбранат куќите.

„Фала му на бога, ја спасив куќата и четвртина од шталата. Не успеав да го спасам другото, иако цело време не мрднав од овде“, вели Јоже Беркеш, локален жител.

Огнот проголта 1.000 хектари борова шума и обработливи површини и толку се доближи до куќите, што се евакуираа населението и туристите.

„Не ни е страв, бевме евакуирани меѓу првите, но пожарот беше ужасен“, вели еден турист.

„Не, не се враќаме дома, продолжуваме на Млет“, додава туристка.

Невремето со дожд што не го предвидоа метеоролозите иако помогна на Пељешац, удар од гром предизвика нов пожар на подрачјето на Дубровник, кој за среќа бил брзо локализиран. На Корчула, огнот што гори на просторот на Смоквица петти ден по ред е локализиран. Изгореа 1.800 хектари шума, маслинарници и лозја. Повторно е воспоставен телекомуникацискиот сообраќај кој беше прекинат поради оштетувања на каблите.

„Работиме до пладне, попладне гледаме до каде сме – и како да не сме работеле ништо“, вели Иво Пецотиќ, противпожарна бригада од Смоквица.

На социјалните мрежи, хрватската влада цел ден одговара на прашањата на граѓаните, гневни поради пожарите. „Треба да се пратат пожарникари, војска, авиони за гаснење. Вака можеме да се зафркаваме до Божиќ“, пишува еден граѓанин. „Гледам жена како моли за помош во Пељешац. Ништо страшно. Сите се исти“, порачува револтирана граѓанка.

 

Ивана Салтировска