Отворен третиот „Битола Шекспир фестивал“

23.07.2015 10:46

„Битола Шекспир фестивалот“ со првата претстава „Антоние и Клеопатра“ ја наполни салата на Домот на културата. Под режисерската палка на Џон Блондел, битолските актери ја покажаа сета своја умешност на врвен ансамбл, моќен да игра секакви жанрови...

Шекспировите дела повторно му даваат тежина на квалитетот на „Битфест“. Актерите на битолскиот ансамбал со најновата премиера „Антоние и Клеопатра“ во режија на Џон Блондел го отворија третиот „Битола Шекспир Фестивал“.  Преполнетата сала уште еднаш докажа дека кога на сцената се поставува едно шекспирово дело тоа е театарски предизвик за публиката. Едногласни се во ставот дека секое е едно пооделно четиво кое се чита на сите страни и на различни јазици. До 28 јули ќе бидат одиграни уште пет претстави од различни говорни подрачја, понуда која тетарскиот адреналин го потикнува уште повеќе.

„На годинешново издание има богата програма и голем избор. Тоа се претстави кои доаѓаат од различни страни на светот и неможе да се каже дека не се предизвик за нас љубителите на шекспировото творештво“, вели еден од посетителите.

„Големо е задоволството што ни го приредува овој фестивал па се сомневам дека сите љубители на Шекспир ќе најдат слободно место во театарската сала“, вели една посетителка, редовна на театарските претстави.

Овој фестивал кој важи за раритет на балканот се одржува на вистинското место. Битолскиот народен театар е водечки во земјава по бројот на одиграни премиери создадени по делата на Шекспир. Публицитетот веќе е стекнат и Битола е дел од мапата на градовите каде се одржуваат вакви фестивали. Настан кој создава нови вредности и покрај одамна стекнатото реноме.

„Овој фестивал не однесе на неколку престижни места во светот како Лондон, Америка, Кина. Се надевам дека и оваа најнова премиера ќе има добра среќа и дека фестивалот ќе има долг живот и ќе ни овозможи и други доживувања“, изјави директорот на Битолскиот театар, Благој Мицевски.

Следниот предизвик започнува со попладневната работилница. Под раководство на шекспирологот Рандел Мартин и соработка со театарската компанија Литмонд од Санта Барбара ќе се сездава нов драмски текст од сонетите на Шекспир. Доживувањата на театарската сцена продолжуваат вечер со претставата „Многу врева за ништо“, во изведвба на Народно позорижте од Сомбор.

 

Стевче Митревски