Штабот за заштита и спасување на Град Скопје подготвен за справување со пожари во летниот период
Во изминатата недела Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје имаше 74 интервенции, од кои 60 на отворен простор, 3 на објекти, 3 на автомобили, 3 технички интервенции и 5 други интервенции...

Штабот за заштита и спасување на Град Скопје и оваа година е целосно подготвен да одговори на сите предизвици и зголемената опасност од појава на пожари поради високите температури во летниот период.
Штабот, како што се вели во соопштението на Град Скопје, за справување со пожари во урбана средина и на отворен простор, располага со: цистерни – 65 возила, над 20 товарни возила, 8 скипови, 11 бобкет возила, 1 голем багер и друга опрема за гасење пожари во урбана средина и на отворен простор. Исто така, располага и со повеќе лесни теренски возила.Човечкиот потенцијал со кој располага изнесува околу 500 луѓе.
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје го сочинуваат: ЈП „Водовод и канализација“, ЈП „Паркови и зеленило“, ЈП „Улици и патишта“, ЈП „Комунална хигиена“, „ЈСП - Скопје“, ЈП „Градски паркинг“ и Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје.
Во изминатата недела Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје имаше 74 интервенции, од кои 60 на отворен простор, 3 на објекти, 3 на автомобили, 3 технички интервенции и 5 други интервенции.
Штабот за заштита и спасување на Град Скопје будно ја следи состојбата на подрачјето на Град Скопје и ако има потреба ги активира сите неопходни единици за справување со состојбите, а воедно ги повикува граѓаните со своето учество да придонесат за намалување на пожарите, односно да се придржуваат до мерките за превенција од пожари, но и доколку забележат евентуални пожари веднаш да се јават на бесплатните телефонски броеви 193 или 195, се вели во соопштението.
