Во Кисела Вода легализирани 3.962 градби

23.07.2015 12:08

Денес, уште 50-тина семејства од општина Кисела Вода се стекнуваат со документ со кој стануваат реални сопственици на својот дивоизграден објект...

Продолжува континуитетот на легализација на дивоградбите во општина Кисела Вода. Со денешното доделување на новите решенија од страна на градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ, бројот на легализирани објекти се искачи на 3962.

Денес, уште 50-тина семејства од општина Кисела Вода се стекнуваат со документ со кој стануваат реални сопственици на својот дивоизграден објект. За општина Кисела Вода, пак, ова значи чекор напред во насока на рамномерен просторен развој, рационално уредување и користење на просторот и создавање услови за хумано живеење и работа. Претставува можност за изготвување на нови детални урбанистички планови, од што повторно бенефит имаат жителите на општината и бизнис заедницата, бидејќи со нив им даваме шанса за изградба на нови објекти и проширување и реконструкција на постоечките, истакна градоначалникот Билјана Беличанец-Алексиќ во своето обраќање пред присутните.

Уште еднаш, ги повика сите 3.210 лица кои се уште немаат доставено геодетски елаборат до административните служби, да ја докомплетираат документацијата и на тој начин да овозможат процесот на легализација да продолжи да тече.

Заокружувањето на процесот на легализација ќе биде заеднички успех. Само на тој начин ќе придонесеме за успешен развој на нашата општина, заокружи градоначалникот Беличанец-Алексиќ, честитајќи им на присутните.