МРТ на протестите во Атина: На Синтагма повторно молотови коктели
Синоќа во Атина, фрчеа молотови коктели пред парламентот, кој го направи клучниот чекор за новите мерки на штедење, и го усвои вториот пакет реформи. Ова значи дека преговорите за 86-те милијарди евра, помошта од ЕУ, може да почне. Раскол во Сириза, Ципрас во парламентот успеа да го истурка законот со помош на опозициската Нова Демократија...

Грчкиот Парламент по речиси дваесет часовна расправа, го усвои и вториот пакет мерки што меѓународните кредитори го бараат од земјата. А додека траеше гласањето, граѓаните веќе традиционално, излегоа на Синтагма да го искажат својот гнев поради новите мерки за штедење.
„Народот гласаше со не, а пратениците сега гласаат против волјата на народот“, вели за МРТ еден Грк.
„Антифашизам и антикапитализам“, ни порача друг.
Иако на вчерашниот протест имаше значително помал број граѓани во споредба со оној од минатата недела, кога Парламентот го усвои првиот пакет мерки, сепак и овој пат незадоволството ескалираше во насилство. И овој протест не мина без молотови коктели и судири на младите со полицијата.
Сепак, грчкиот Парламент околу 4 часот изутрината со големо мнозинство го усвои и второт пакет мерки, со помош на дел од пратениците од владеачкта Сириза и големата поддршка на про-европската опозиција.
„Сакам да ви кажам, со голема искреност и од длабочината на мојата душа, дека не само што не жалам што заедно со моите колеги ја водевме оваа борба, туку и сум горд за тоа што го подигнав грчкиот народ и неговите права“, изјави грчкиот премиер Алексис Ципрас пред гласањето.
Вчера изгласаниот пакет содржи реформи во банкарскиот и правниот систем и беше предуслов за Грција да ги почне разговорите со меѓународните кредитори за третата финансиска помош од 85 милијарди евра.
Марија Котовска, постојан дописник од Атина за МРТ
