Поголема финансиска помош од државата за децата од СОС Детско село

23.07.2015 14:33

За оваа намена министерството ќе издвојува по три милиони денари годишно. Претходно министерството и Владата се обврзаа на целосна финансиска подршка на сите СОС згрижувачки семејства...

Државата финансиски ќе помага и поддржи 28 деца и млади на 14-годишна возраст без родители и родителска грижа сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка. За реализација на оваа помош и поддршка денеска беше потпишан Меморандум меѓу Министерството за труд и социјална политика и СОС Детско село.

„Со потпишувањето на денешниот Меморандум, ја надградуваме и интензивираме досегашната соработка во делот на згрижување на деца и млади над 14-годишна возраст преку формата на вонинституционална заштита - организирано живеење со поддршка за деца без родители и родителска грижа. При тоа МТСП ќе ги надоместува месечните трошоци за 28 деца и млади сместени во четири станбени единици за организирано живеење со поддршка, рече по потпишувањето на Меморандумот министерот за труд и социјална политика“, изјави министерот Диме Спасов.

За оваа намена министерството ќе издвојува по три милиони денари годишно. Претходно министерството и Владата се обврзаа на целосна финансиска подршка на сите СОС згрижувачки семејства, тогаш вкупно 12, за што се издвојуваат околу шест милиони денари годишно.

Јулијана Гапо, национален директор на СОС Детско истакна дека овие младинци веќе имаат предуслови да бидат успешни, со оглед на, како што рече, поддршката што оваа институција ја дава, но и мерките кои ги реализира Владата на Република Македонија.