Дојран плени со плжите, вкусната риба и лековитата вода
Вкусна риба, плажи и лековита вода ги привлекуваат туристите од земјава и од странство, да го минат летниот одмор во Дојран. Едно од најјужните места во земјава е познато по медитеранската клима, која доаѓа од Егејот. Екипа на МТВ, во Дојран го забележа развојот на ова 3 илјадно гратче...

Еден осамен корморан со танц над езерските води не пречекува. Како потсетник на дојранските мандри. Нив ги нема, ама сега се во поинаков, модерен ритам протекува.
На плажите игла нема каде да се фрли. Секој има своја причина зошто Дојран му е посакуваната дестинација.
„Момички има, плажа“, вели турист од Кочани.
„Среден е градот водата е чиста“, додава друг.
„Ништо не ми помогна, ниту лекови, два дена тука газење по жежок песок и од калта, тоа помогна“, вели турист од Штип.
„Алгите помагаат за децата најмногу, бидејќи во таа возраст им треба имунитет“, додава турист од Кавадарци.
Зголемена е будноста на спасителите.
„Не дозволуваме да се случи најлошото“, вели Ангел Пановски, спасител на вода.
Наоколу се бара спас од жештините.
„Најмногу се трошат пијалоци, прехрамбени призводи, сладоледи“, вели продавачка во локалната продавница.
Во Дојран ќе наидете и на современа и на традиционална понуда, но пред се ќе ве воодушеви топлото гостопримство на овдешните жители.
„Имаме ексклузивни салати, сите врсти на јадења од месо, од бифтек до скара“, вели Александар Србов, менаџер.
„Имаме и други специјалитети, како печени уши од крап, чипс од крап кој нема коски, во моментов е најбараното нешто во нашиот ресторан“, вели Катерина, сопственик на ресторан во Дојран.
„Прва лига е, неколку години доаѓам овде. Ми се допаѓаат плажите и лековитата езерска вода. Не можам да и одолеам на салатата зашто овде вирее најубавиот зеленчук, пред се доматите“, вели турист од Белгија.
Неодминливи се вечните рибарски приказни. Нашата е за жена риболовец.
Имала вели пријатни, но и опасни мигови со кајчето.
„Баш се релаксирам, ловам риби, има за дома, има за пријатели“, вели Снежана Манева, риболовец.
Не потсети на легендата за неизмерната љубов на Дојрана кон либето, поради чија заборавеност од бунар настанало езерото.
А љубовта овде ја донесла и бугарката Кирилка. Пред дваесет години свила гнездо. Сега изработува автентични ракотворби.
„Кога ќе си одат дома, да понесат со себе и дел од Дојран“, вели Кирилка Георгиева, изработувач на ракотворби.
Нема уметник што одовде не црпи инспирација.
„Јас инсистирав сликарите да го дадат тоа што го работат дома, да го дадат својот белег“, вели уметникот Божинов Ѓорги.
Духовното се негувало од древнина. Сведочи за тоа храмот Свети Илија што датира од 6-ти век. Во светилиштето три пати уништувано и обновувано, до ден денешен мир наоѓаат илјданици верници.
Зајдисонце со зраци што се мијат во езерската шир- ги мами посетителите за повторна средба со градот на мандрите.
Фиљана Кока
