Ребалансот на Буџетот влезе во Собранието
Ребалансот на буџетот влезе во собраниска процедура. Приходите се натфрлени за 14% повеќе во однос на лани и за 6% во однос на планираното. Ќе има и повеќе пари за капитални инвестиции. Приоритет се проектите за гасификација. Министерот Ставрески вели дека буџетот ќе обезбеди силна развојна компонента, но и ќе ги заштити сите примателите на социјална помош, пензионерите, земјоделците...

Прекроената државна каса влезе во собраниска процедура. Приходите во првото полугодие се натфрлени за 14% во однос на лани и за 6% во однос на првично планираното. Помалку пари се прибрани од ДДВ, повеќе од данокот на добивка и од акциза. На расходната страна нема кратење.
„Она што го проектираме до крајот на годината во голем дел на приходната страна веќе го имаме остварено и беше потребно вишокот приходи да го проектираме на расходната страна, во средства што им се ставени на буџетските корисници за политики, мерки, активности и проекти што беа најавени или се реализираат со побрза динамика“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Стапката на раст на БДП е ревидирана од 4 на 3,5 проценти, како резултат на домашната политичка криза и случувањата во Грција. За да оствари планираното, одвоени се милијарда и 115 милиони денари повеќе пари за капитални инвестици. Приоритет се проектите за гасификација на делницата Клечовце – Штип, во тек се преговори за трасите Штип – Неготино – Прилеп – Битола и Скопје – Тетово – Гостивар. Вкупно 150 милиони денари се одвоени за реконструкција на студентскиот дом Гоце Делчев, дополнителни 220 милиони за инвестиции во образованието. Ставрески порача - има доволно пари за плати, пензии, социјална помош, субвенции. Државната каса тежи 3,04 милијарди евра.
„Очекувам Буџетот да ја одигра својата улога, од една страна да обезбеди силна развојна компонента преку дополнувањето на износот за капитални инвестиции кој и претходно беше прилично висок, а од друга страна, да ги заштитиме сите социјално ранливи категории: примателите на социјална помош, пензионерите, земјоделците“, нагласи Ставрески.
Ставрески вели дека буџетскиот дефицит до крајот на јуни бил во рамките на планираното, 2015-та се очекува да ја завршиме со ниво од 3,6% од БДП. Македонија останува во зоната на ниско до умерено задолжени земји, со јавен долг од 43,6% и државен долг од 36% од БДП.
„Има доволно средства за кредитирање и на граѓаните и на фирмите во Република Македонија, ако Владата реши да се задолжи на домашниот пазар“, изјави Крсто Мукоски, претседател на Комисијата за финансирање и буџет.
Од ДПА сметаат дека во вака скроената државна каса нема доволно пари за Албанците. Од ДУИ, пак, велат дека ДПА за политички маркетинг игра на етничката карта.
„Бараме на Албанците да не им се скратува уделот во Буџетот, бидејќи тоа се пари на граѓаните“, изјави Беким Фазлиу, пратеник од ДПА.
„Македонија е мултиетничка држава и не може да ги дели граѓаните врз етничка основа. Ако се гради еден пат, се гради за сите граѓани, без оглед на нивната припадност“, рече Рамиз Мерко, пратеник од ДУИ.
За предложениот ребаланс на Буџетот се поднесени 219 амандмани од страна на ДПА и уште 5 од пратеничката Роза Топузова – Каревска. Расправата треба да заврши за 10 дена.
Мартин Пушевски
