Поголема поддршка за СОС Детското село

23.07.2015 17:00

Поголема поддршка за Детското село во Скопје. Министерството за труд ќе ги надоместува месечните трошоци нa децата и младите...

Финансиска поддршка од 9.300 денари за секое згрижено дете, со што ќе се овозможи нивно полесно осамостојување и интегрирање во општеството. Министерството за труд и социјална политика ќе издвои уште 3 милиони денари на годишно ниво, со што поддршката за СОС Детското село, достигна 9 милиони денари годишно. Ресорниот министер вели ова е доказ оти државата е секогаш тука за овие деца.

„Ја надградуваме и интензивираме досегашната соработка во делот на згрижување на деца и млади над 14-годишна возраст преку формата на вонинституционална заштита - организирано живеење со поддршка за деца без родители и родителска грижа“, изјави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Националниот директор на СОС-Детското село, истакна дека овие младинци веќе имаат предуслови да бидат успешни со оглед на поддршката што оваа институција ја дава.

Соработката на сос-детското село, според министерот Спасов е многу пати потврдена и реализирана низ различни форми. Овој начин на вонинституционално згрижување на децата, потенцира, треба да овозможи квалитетна грижа по стандардите и практиките кои се меѓународно прифатени како најсоодветни за децата.

 

Александра Перевска