ССК: Намалените казни за компаниите ќе ги подобрат условите за работа

24.07.2015 10:25

Со донесените закони се подобруваат условите за работа бидејќи глобите се закануваа на водењето бизнис, сметаат во Сојузот. Исто така комората е задоволна од воведувањето на категоријата опомена, со што се остава простор за стопанствениците подобро да се запознаат со законите...

Сојузот на стопански комори (ССК) ги поздравува вчера донесените измени на законите за прекршоци, за општа управна постапка и за парнична постапка со кои се намалуваат казните на компаниите.

Со ова се подобруваат условите за работа бидејќи глобите се закануваа на водењето бизнис, сметаат во Сојузот. Исто така комората е задоволна од воведувањето на категоријата опомена, со што се остава простор за стопанствениците подобро да се запознаат со законите.

„Со измените во Законот за прекршоци, покрај промените во намалување на глобите се предвидува и воведување можност за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата во насока на отстранување на недостатоците. Веруваме дека измените на Законите за прекршоци, за општа управна постапка и за парнична постапка, што ги донесе Собранието со двотретинско мнозинство, во многу елементи ќе ги подобрат условите за работа на стопанските субјекти“, изјави Данела Арсовска, претседател на ССК.

Инаку Собранието со двотретинско мнозинство вчера ги донесе измените на Законите за прекршоци, за управна и за парнична постапка.