Турска офанзива против ИДИЛ
Сеопфатна турска офанзива против Исламска држава и џихадистите во пограничната територија меѓу Турција и Сирија. Анкара воено одговори на минатонеделниот терористички чин во кој што загинаа 32-ца младинци во турскиот град Суруч. Истовремено во тек е масовна антитерористичка операција на полицијата пред се во Истанбул, светските медиуми јавуваат дека од изутрината се уапсени 250 лица...

Во раните утрински часови почнаа нападите на турските борбени авиони врз позиции на џихадистите од Исламска држава на сириски територија, засега нема навлегување на турската копнена војска во сирија, соопшти претставник на силите за безбедност во Анкара.
Тоталната офанзива против Исламска држава се спроведува и во Турција преку антитерористичка операција во Истанбул. Акцијата е сеопфатна во повеќе области и во неа учествуваат повеќе од 500 полицајци.
Состојбата на теренот се разгоре откако по повеќемесечни преговори вчера Турција дозволи американската војска да изведува воздушни напади врз позициите на ИДИЛ од базите на НАТО во Инџирлик.
Според договорот кој во телефонски разговор го постигнале претседателите на САД и Турција, Обама и Ердоган, американските сили ќе ја користат базата за опреациите на ловците и дроновите. Воедно турската влада донесе одлука да изгради 800-километарска ограда долж границата со Сирија со цел да го спречи влезот на терористите на турска територија.
„Изградбата на ѕид има за цел да го спречи влегувањето на терористите на територијата на турција. Наша идеја е да ја зачуваме безбедноста на границата“, изјави Булент Аранч, вицеперемиер на Турција.
Турскиот весник „Дејли сабах“, пишува дека покрај бетонскиот ѕид ќе има и бодликав тел, како и специјален безбедносен систем за 24- часовно надгледување. Изградбата ќе ја чини Турција 8 милијарди долари. Овие мерки треба да ги спречат смртоносните напади на џихадистите како вчерашниот на турска караула, кога еден офицер загина, а двајца војници се повредени.
Во Турција сеуште се тагува за 32-јцата младинци кои загинаа во минатонеделниот терористички напад во градот Суруч кога бомбаш самоубиец се саморазнесе во младински камп на турско-сириската граница.
Марија Петковска
