Нова опрема за болницата „Св. Наум Охридски“
Апаратите за ендоскопски и лапараскопски интервенции ќе помогнат болницата да прерасне во регионален центар за лекување со помош на нови технологии, вели министерот Тодоров...

Медицинска опрема вредна 53 милиони денари ќе се инсталира во скопската болница за хируршки болести св. Наум Охридски најдоцна до март идната година. Апаратите за ендоскопски и лапараскопски интервенции ќе помогнат болницата да прерасне во регионален центар за лекување со помош на нови технологии, вели министерот Тодоров.
„Околу 35% од вкупниот број на интервенции кои се вршат на оваа клиника, се ендоскопски интервенции, лапароскопски, коноскопски, гастроскопски... а базичната опрема за овие интервенции е набавена пред околу 17 години, и во најголем дел е амортизирана, дотраена и предизвикува чести дефекти“, вели министерот за здравство, Никола Тодоров.
Во областа за урологија, во првото полугодие се креирани 23% повеќе упати од лани, па затоа ќе се набавува нов ендоскопски систем за абдоменална и лапараскопска хирургија, како и уште три најмодерни апарати за дијагностика на уролошки болести. Четири лекари од болницата веќе се обучени за напредни интервенции. Нова комплетно опремена сала ќе добие и центарот за изгореници.
„Дополнително за потребите на одделението за ортопедија, во рамки на оваа набавка обезбедуавме и артроскопски ортопедски стол со сите додатоци кој сериозоно ќе ги олесни операциите и ќе го зголеми квалитетот на интервенциите, имајќи предвид дека е дизајниран така да помага на хирургот при операцијата, односно при позиционирањето на телото на пациетот“, рече министерот Тодоров.
Кон почетокот на месецот министерството за здравство објави тендер за целосна реконструкција на болницата, а инвестицијата е вредна 85 милиони денари.
Анита Димитријевска
