Пониските казни за фирмите- шанса за развој на бизнисот
Измените во законот за прекршоци дадоа шанса за развој на бизнисот, вели вицепремиерот Ставрески. Со промените и со намалувањето на глобите се предвидува и воведување можност за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата...

Пониски казни за 6 до 7 пати за помалите компании и речиси двојно пониски казни за големите. Измените во законот за прекршоци дадоа шанса за развој на бизнисот, вели вицепремиерот Ставрески. Со промените и со намалувањето на глобите се предвидува и воведување можност за опомена со што се остава простор за едукација на стопанствениците кои недоволно ја познаваат регулативата.
„Казната доколку мора да се изрече, нема да влијае значајно врз работењето на фирмата. Целта на казните не е да влијаат врз работењето на фирмите, туку да го опоменат оној што го прекршил законот и да се корегира, да продолжи понатмау со работата. На ваков начин со определување на казните согласно големината на фирмите ќе се постигне таа цел“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.
По одлуката драконските казни да се намалат, бизнисот ќе оди напред и ќе се развива велат од Сојузот на стопнаксите комори. Според ССК, високите казни беа закана за опстојувањето на бизнисот, сега во многу ќе се подобрат условите за работа на стопанските субјекти.
„Сметаме дека во континуитет прифаќањето на мерките на бизнис заедницата, има многу значаен придонес во унапредување на деловното опкружување и секако во тоа бизнисот да оди напред и да се развива што е можно повеќе, што претставува бенефит за домашните компании“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.
Со воведување на принципот на нивелирање на санкциите согласно економската моќ на субјектите, како вкупни приходи, број на вработени, како и примена на информативна, едукативна, па дури потоа санкциона функција, од Сојузот сметаат дека во голема мера компаниите ќе чувствуваат помал притисок при спроведување на одредени законски процедури.
Дијана Ценевска
