Турција: Интензивни напади врз цели на ИД
Сеопфатна турска офанзива против Исламска држава и џихадистите во пограничниот појас меѓу Турција и Сирија. Анкара воено одговори на минатонеделниот терористички чин во кој што загинаа 32-ца младинци во турскиот град Суруч...

Војна на турско- сириската граница. Турција жестоко возврати на терористичките напади на Исламска држава. Од изутрината турските ловци Ф-16 напаѓаат позиции на џихадистите во сирискиот дел од границата. Притоа биле убиени најмалку 35 џихадисти, а уништени се и неколку центри за обука, соопшти премиерот Давутоглу.
Добивме информации дека во близина на нашата граница има големи резерви оружје на Исламска држава, операцијата ја спроведовме не како напад, туку како одбрана, изјави владин претставник.
Офанзива против Исламска држава се одвива и во внатрешноста на Турција. Досега се приведени над 250 лица, а една девојка загинала во својот дом во судирот со силите за безбедност.
Состојбата на теренот се разгоре откако по повеќемесечни преговори вчера Турција дозволи американската војска да изведува воздушни напади врз позициите на ИДИЛ од базите на НАТО во Инџирлик. Според договорот што го постигнале во телефонски разговор претседателите на САД и на Турција, Обама и Ердоган, американските сили ќе ја користат базата за операциите на ловците и дроновите.
Воедно, турската влада донесе одлука да изгради 800-километарска ограда по должината на границата со Сирија за да го спречи влезот на терористите на турска територија.
„Изградбата на ѕидот има за цел да го спречи влегувањето на терористите на територијата на турција. Идејата ни е да ја зачуваме безбедноста на границата“, изјави Булент Аранч – вицеперемиер на Турција.
Турскиот весник „Дејли Сабах“ пишува дека покрај бетонскиот ѕид ќе има и бодликав тел, како и специјален безбедносен систем за 24-часовно надгледување. Изградбата ќе ја чини Турција 8 милијарди долари. Овие мерки треба да ги спречат смртоносните напади на џихадистите како вчерашниот на турска караула, кога загина еден офицер, а беа повредени двајца војници.
Во Турција се уште се тагува по 32-јцата младинци кои загинаа во минатонеделниот терористички напад во градот Суруч.
Марија Петковска
