Двојно намалување на цените за изготвување геодетски елаборати за приватните шуми

24.07.2015 16:29

Драстично се намалени цените за изготвување на геодетски елаборати за обележување шуми на приватни сопственици. Ова е уште едно реализирано владино ветување кое премиерот Груевски го најави уште во април...

Со новиот тарифник  двојно се намалени цените за изготвување на геодетски елаборати за обележување на шуми на приватни сопственици. Газдите на шумските површини веќе можат да изработуваат геодетски елаборати по новите пониски цени. Елаборатите се услов за добивање на одобрение за сеча.

„Она што беше ветено од страна на премиерот е исполнето. Од јуни на сила е новиот тарифник, согласно кој сериозно е извршено едно намалување на цените за изготвување на елаборати за приватните шуми. Од ова поевтинување директна корист ќе имаат најмалку 15 илјади лица кои имаат потреба од овие елаборати, бидејќи истите се еден процесен услов за добивање на одобрение за сеча на огревно дрво“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Според старата тарифа за геодетски елаборат за површина од 1 хектар, требаше да се плати 14.970 денари, а со намалувањето, за истата услуга треба да се плати 7.080 денари. За геодетски елаборат за 10 хектари приватна шума, според старата тарифа требаше да се плати 149.700 денари, а сега ќе чини 23.364 денари, што всушност претставува намалување поголемо и од ветеното.

„Сегашната цена која е 30 денари за еден метар ќе биде намалена за 50% да површина до еден хектар, додека за површините над еден хектар и поголеми, ќе се намали за 70%. Тоа е барање од многу луѓе низ Македонија, и тоа го испорачуваме на луѓето“, рече премиерот Никола Груевски.

Покрај за споменатите 15.000 граѓани од новиот тарифник, потенцијална корист има за околу 50 илјади сопственици на шуми во Македонија кои поседуваат околу 200 илјади парцели. Ова намалување е уште една поддршка за сопствениците на приватните шуми, на кои владата преку програмата за рурален развој им обезбедува и финансиска поддршка за кофинансирање на 50% од инвестициите.

 

Миле Ристески