Наместо романтична комедија, хорор: Вооружен напад во кино сала во Луизијана

24.07.2015 16:45

Вооружен маж купил билет и 20 минути од почетокот на филмот „Трејнврек“ отворил оган кон гледачите – загинале две млади жени, уште 9 лица се повредени...

Наместо романтична комедија на големото платно, хорор филм во кино сала во градот Лафајет во американската држава Луизијана. Вооружен маж купил билет и 20 минути од почетокот на филмот „Трејнврек“ отворил оган кон гледачите – загинале две млади жени, уште 9 лица се повредени.

„По брзата реакција на полицијата, беше притеснет во киното, по што се застрела себеси. Не беше најдено друго оружје ниту во неговото возило, ниту во салата“, изјави Џим Крафт, шеф на полицијата во Лафајет.

Полицијата го идентификуваше како 59-годишниот Џон Расел Хаузер, „скитник“ од Алабама кој отседнувал во мотелот во близина. 13-те куршуми не биле насочени кон конкретни лица, се претпоставува дека мотивот бил психички проблеми.

Претставници на законот ја пребарале неговата мотелска соба – нашле перики и други маски. Деталите откриваат сложен профил на убиецот – бил исфрлен од неговиот дом минатата или предминатата година. Во 2006-та му била одбиена дозволата за носење оружје поради ментални проблеми. Им бил добро познат на силите на редот – во изминатите 10 до 15 години бил апсен за пироманија, брзо возење и продавање алкохол на малолетници.

„Ова е бесмислен трагичен чин. Зошто би дошол овде да стори нешто такво?! И ние бараме одговори исто како и жртвите“, изјави Крафт.

Само неколку часа пред трагедијата, американскиот претседател Обама изјави дека во двата претседателски мандати најголема фрустрација му била реформата на законот за оружје и тоа што не бил постигнат напредок дури ни по серија масовни убиства.

Ивана Салтировска