Намалените казни- стимул за бизнисот

24.07.2015 17:05

За речиси седум пати - намалени паричните казни за малите фирми, двојно пониски ќе бидат за големите компании. Само со опомена ќе минат оние што прават ситни прекршоци. Потег што ќе го подобри бизнис амбиентот– велат од владата. Бизнис заедницата оценува- ќе се релаксираат условите за стопанисување...

Пониски казни за шест до седум пати за малите компании и речиси двојно помали за средните. Измените во законот за прекршоци даваат можност за развој на бизнисот, вели вицепремиерот Ставрески. Според него,намалувањето на казните за домашните компании заедно со многу други мерки ја прави Македонија една од земјите со најдобра бизнис клима во Европа, а на македонското стопанство му дава можност да остварува добри резултати.

„Казната доколку мора да се изрече, нема да влијае значајно врз работењето на фирмата. Целта на казните не е да влијаат врз работењето на фирмите, туку да го опоменат оној што го прекршил законот и да се корегира, да продолжи понатмау со работата. На ваков начин со определување на казните согласно големината на фирмите ќе се постигне таа цел“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески.

По одлуката за намалување на  драконските казни, бизнисот ќе оди напред- велат од Сојузот на стопанските комори. Според бизнис заедницата, високите казни биле закана за опстојувањето на фирмите, сега со измените се подобруваат условите за работа на компаниите. Дел од компаниите ќе се опоменуваат што остава простор за едукација и на стопанствениците.

„Сметаме дека во континуитет прифаќањето на мерките на бизнис заедницата, има многу значаен придонес во унапредување на деловното опкружување и секако во тоа бизнисот да оди напред и да се развива што е можно повеќе, што претставува бенефит за домашните компании“, вели Данела Арсовска, претседател на ССК.

Со воведување на принципот на нивелирање на санкциите во зависност од економската моќ на субјектите, вкупни приходи, број на вработени, според бизнис заедницата кај фирмите ќе има помал притисок при спроведување на одредени законски процедури.

 

Дијана Ценевска