Турција: Хаос во Истанбул, утре вонреден состанок на НАТО
Турција ја смени играта. Најпрвин стрелаше врз позициите на џихадистите, а сега ги уништува камповите на курдските сепаратисти кои се борат против Исламска држава. Ова предизвика немири низ земјата. Дамаск пак со сета сила удри врз Исламска држава.

Хаотично на улиците во Истанбул. Еден полицаец загина за време на вчерашните судирите меѓу демонстрантите и силите за безбедност, кои со солзавец и водни топови се обидуваа да ја смират разгневената толпа.
Демонстранти со молотови коктели го изразуваа револтот по погребот на активистката, најверојатно припадничка на Курдската работничка партија, која беше убиена за време на полициската рација во минатата недела.
И додека турските воздухопловни сили ги продолжуваат нападите на џихадистите од Исламска држава во Сирија и Ирак, премиерот Давутоглу тврди дека засега нема да бидат испратени копнени сили, а воздушните напади ќе продолжат. По барање на Турција, во вторник ќе се одржи вонреден состанок на 28 -те членки на НАТО кои ќе разговараат за безбедносната состојба во земјата.
Полицијата уапси шестмина членови на Курдската работничка партија кои подготвувале терористички напад на полициска станица. Претставници на партијата соопштија дека по апсењата нема услови да се почитува примирјето од 2013-та година.
Ескалацијата на состојбата во регионот го привлече вниманието на светските лидери, особено на Берлин и Москва. Германската канцеларка Ангела Меркел во телефонски разговор, со премиерот Давутоглу ја поддржа Турција во борбата против Исламска држава.
И рускиот претседател Путин, со неговиот колега Ердоган констатирале дека треба решително да се докрајчи екстремизмот.
Марија Петковска
