Крушево – етноград: Комити, Турци, чорбаџии заедно на иста маса
Со поворка на комитите, Турците, чорбаџиите низ центарот на градот, свечено и пригодно во Крушево почна манифестацијата „Крушево – етноград“. По седми пат Крушево потсетува на славната илинденска историја, на богатата култура и традиција со што манифестацијата стана македонски туристички бренд за домашните и странски гости...
Комити, Турци, чорбаџии, историско минато, богата култура и традиција. Почна да живее „Крушево – етноград“. Крушевчани горди, во носии и староградски облеки потсетуваат на славното минато, без кое нема иднина.
„Веќе седми пат се одржува и веќе стана бренд на градот Крушево. Одлично изгледаме, се надевам, сите сме традиционално костимирани, староградски, во „а ла турка“. Сите прашуваат што е, ние им објаснуваме дека сме во минатото“, вели крушевчанката Даница Јанакиеска.
Ова е Прво туристичко востание на Балканот кое ја раскажува приказната за историјата, културата, за единството на различностите во Крушево.
„Овој голем историски времеплов што се случува овие пет дена во Крушево е убаво да го видат од најмали до најстари, да се чувствуваат гордо, и најважно од се, да дишат чист воздух, да уживаат во Крушево, во историско Крушево, и тоа токму во оние денови кога се случило Илинденското востание“, вели Ранко Петровиќ „Бубамара“.
Крушево- етно град стана македонски туристички бренд кој ги привлекува посетителите од земјава и странство.
„Имаме зголемување на бројот на туристите за 30 до 40 насто и сите овие манифестации придонесуваат за зголемување на бројот на туристите во градот. Јас ќе бидам задоволен доколку оваа година го надминеме за 10-ина насто она што беше минатата година кога Крушево беше град на културата“, вели градоначалникот на Крушево, Ѓорѓи Дамчески.
Организаторите го преставија Еколошкиот шумски манифест за заштита на древната, повеќе од 300 години стара крушевска корија. Тоа е современата битка на потомците на Илинденците.
До 31 јули ќе има бројни настани, крушевски занаети и богата традиција. Денеска крушевчани ги понудија своите еколошки производи под мотото „Природно е, од Крушево е“.
Елизабета Митреска