Четири лица повредени во сообраќајка на патот Неготино - Кавадарци
Во несреќата учествувале три возила од кои две патнички и едно товарно...

Четири лица се здобиле со телесни повреди во синоќешната сообраќајна несреќа на регионалниот пат Неготино - Кавадарци, кај меснота „Криво мовче”. Во несреќата учествувале три возила од кои две патнички и едно товарно.
Сообраќајката се случила околу 20:30 часот. Поради недржење на правец и страна на движење, патничко моторно возило „Фолксфаген голф” удрило во товарно моторно возило влекач „Ман” со полуприколка и патничко моторно возило “Опел корса”, кои му доаѓале од спротива. Повредени се двајца патници во голфот и исто толку во опелот корса, соопшти Дејана Недељковиќ, советник за односи со јавност при Секторот за односи со јаност во МВР на РМ.
Увид на лице место извршила екипа на полициското одделение за безбедност во патничкиот сообраќај Неготино, по овластување на јавното обвинителство од Кавадарци.
