Мексико по низа контроверзи до 7 трофеј во Голд куп

27.07.2015 14:39

Во финалето пред околу 70.000 гледачи на Линколн стадионот во Филаделфија, Мексико ја совлада Јамајка со 3:1 и во своето осмо финале го освои трофејот по рекорден седми пат...

Репрезентацијата на Мексико триумфира на фудбалскиот “Голд куп“ на кој учествуваат земјите од Северна и Средна Америка. Во финалето пред околу 70.000 гледачи на Линколн стадионот во Филаделфија, Мексико ја совлада Јамајка со 3:1 и во своето осмо финале го освои трофејот по рекорден седми пат. Фаворитот го доби полувремето со погодокот на Гуардадо во 31 минута, а на стартот од второто Корона ја удвои предноста. Кога по еден час игра Пералта го постигна третиот гол, беше јасно дека нема да има неизвесност, иако до крајот “реге момците“ постигнаа почесен погодок преку Матокс.

Мексиканците конечно одиграа на ниво по претходните две рунди кои ги добија по низа контроверзи. Најпрвин во четвртфиналето со гол од пенал во 124 минута против Костарика, а уште повеќе во полуфиналето кога со пенал гол најпрвин израмнија во судиското надолнување против Панама, а со удар од 11 метри го добија и продолжението. Стрелецот на сите пенали и вкупно 6 гола Андрес Гуардадо ја доби златната топка, а Американецот Клинт Демпси со 7 гола е добитник на златната копачка. Јамајка беше прва карипска земја во финалето, но по елиминацијата на САД во полуфиналето, не успеа да приреди уште една сензација. Ќе остане забележано дека Мексико ја освои 7 титула во 13 издание на “Голд куп“ во кој има две повеќе титули од САД. Американците кои газеа се пред себе до полуфиналето останаа без медал по фгвторпат во историјата, откако ден порано загубија на пенали од Панама во мечот за бронза.