Охридско лето: Бура од емоции на концертите на Погорелиќ

27.07.2015 15:10

Матадорот на пијаното, како што го нарекуваат во музичките кругови, маестро Иво Погорелиќ од Хрватска во рамките на Охридско Лето на публиката и приреди два незаборавни концерта. Катедралната црква „Света Софија“две вечери беше претесна да ги прими сите љубители на сериозната музика од земјава и од регионот, а негови почитувачи допатуваа дури од Чешка и Франција...

Виртуозот на пијано, Иво Погорелиќ, кој во текот на осумдесеттите години на минатиот век ја фасцинираше светската јавност со своите интерпретации на Шопеновата музика во изминатите две фестивалски вечери повторно предизвика бура од емоции кај публиката. Со исклучително тешка и во истовреме атрактивна програма,со неговата уникатна изведба исполнета со многу енергија, длабока емоционалност и сензибилитет тој ги остави без здив многубројните љубители на сериозната музика.

„Многу ми е мило што сум во Охрид, амбиентот е многу инспиративен, луѓето се љубезни и мирни и сето тоа мене ме радува. Публиката е мошне топла и внимателно слуша и верувам дека повторно ќе дојдам“, вели пијанистот Иво Погорелиќ.

Многу познати лица од светот на музиката од земјата и странство беа сведоци на извонредниот музички настан.

„Одамна, верувајте, одамна ја имав таа желба да го видам во живо. Фасцинантна физичка, ментална и духовна сила“, рече Влатко Стефаноски-музичар.

„Ова беше извонредно доживување, првенствено заради неговото високо мајсторство, специфичниот индивидуален пристап кон музичките дела кои ги изведуваше, неговиот истражувачки пијанизам, кој ни отвори нови видици кон музиката која ја изведуваше“, вели Тодор Светиев-пијанист.

Настапот на Погорелиќ беше повеќе од концерт, тоа беше незаборавно музичко патување до небото и назад.

„Импресиите од концертот се навистина огромни. Овој концерт ќе се памети и уште долго ќе остане во меморијата на почитуваната фестивалска публика, а Фестивалот „Охридско лето во својата историја ќе запише, маестро Иво Погорелиќ 1981-2015 година“, изјави Гордана ЈосифоваНеделковска- музички селектор на „Охридско лето“.  

Маестро Погорелиќ на посетителите им подари бројни бисови, а задоволната публика со долги аплаузи и стоечки овации го испрати големиот уметник, кој уште еднаш докажа дека со право го нарекуваат гениј на пијаното.

Сашо Нелоски