Нема опасност од ширење заразни болести од илегалните мигранти

27.07.2015 15:27

После донесувањето на законските измени над 20.000 влегле во земјава, но нема случај на заразен. На граничниот премин Богородица каде е најголемиот притисок од мигрантите, до сега вакцини примиле 50 лица...

Нема опасност од ширење заразни болести од налетот на илегалните мигранти во земјава, тврдат наделжните. После донесувањето на законските измени над 20.000 влегле во земјава, но нема случај на заразен. На граничниот премин Богородица каде е најголемиот притисок од мигрантите, до сега вакцини примиле 50 лица. Посериозно заболените се лекуваат во болниците.

„Пружена е здравствена заштита на 265 мигранти досега. Најголем дел од нив се згрижени во општата болница во Гевгелија. Станува збор за 106 илегални мигранти“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР.

Нашата соговорничка има само 15 години. Била пренесена во болницата во Гевгелија поради инсулинска криза. Го прашавме нејзиниот татко што и е, од кога е вака?!

„Шеќерот е. Болна е од шеќер од нејзината четврта година, а овде ја видоа докторите и  даваат соодветна терапија три пати на ден“, вели таткото.

Црвениот крст превенира на терен.

„Секојдневно имаме случаи кои ги транспортираме во болница, најчесто поради потешки дехидратации“, изјави д-р Магдалена Јакимовска.

Во земјава се родија и неколки бебиња.

На Железничката станица се поставени и дополнителни санитарни чворови, а хигиената и покрај многуте напатствија мигрантите самите ја загрозуваат. Понекогаш  се фрлаат отпадоци и во мијалникот на чешмата со питка вода па и насекаде.

Се превенира со редовно дезинфицирање на превозните средства, вагоните на возовите и возилата на јавниот превоз.

95 проценти од мигрантите ја минуваат јужната гранична линија. Дневно бројката е од 500-600 лица. Надлежните тврдат дека се очекува зголемување на оваа борјка, но дека сите безбедносни и здравствени мерки се преземаат ефикасно.

 

Фиљана Кока