Куманово ќе добие современ ургентен центар

27.07.2015 15:37

Здравствените власти го претставија идејното решение. Центарот располага со хируршка, ортопедска, уролошка и анестезиолошка амбуланта, каде што ќе се дијагностицираат хируршки и интертнистички состојби со рентген апарат и компјутерска томографија...

Ова е ликот на новиот ургентер центар во Куманово. Здравствените власти го претставија идејното решение. Центарот располага со хируршка, ортопедска, уролошка и анестезиолошка амбуланта, каде што ќе се дијагностицираат хируршки и интертнистички состојби со рентген апарат и компјутерска томографија. До крајот на идната година изградбата треба да биде завршена, а чини 20 милиони денари.

„Објектот, ќе се состои од приземје и кат, со површина околу 600 м2, а ќе се гради до местото, каде што се наоѓаат постојните ургентни амбуланти на интернистичкиот оддел, така што овие објекти ќе се поврзат и ќе се добие една целина на ургентен центар“, изјави министерот за здравство, Никола Тодоров.

20 милиони денари се инвестираат и во медицинска опрема која треба да пристигне кон крајот на март идната година.

„Станува збор за следните апарати: ЕМГ апарат, хируршка опрема, која опфаќа Лигешур опрема за затворање крвни садови во тек на интервенција, пневматски турник, итн., респиратор - машина за дишење, перфузори, инфузомати, сет лапараскопски инструменти, грејач за тело и апарат за компресија на нозе“, нагласи министерот Тодоров.

Во првото полугодие од годинава се креирани 8.639 упати кон скопските клиники, што беше индикатор за итни инвестиции во оваа болница. Очекувањата се дека со новата опрема и подобрувањето на инфраструктурниот капацитет, во значителна мера ќе се намалат препраќањата на пациентите кон поголемите болнички центри.

Анита Димитријевска