„Илинденски денови“ во Битола во пресрет на најголемиот македонски празник

27.07.2015 16:11

На републичкиот Фестивал на народни песни и игри, битола го започнува чествувањето на најголемиот македонски празник. Овој крај за време на илинденската епопеја важел за најголем и најзначаен револуционерен округ и со голем број почитувачи на големата гоцева мисла за културен натпревар меѓу народите...

Голем дел од богатото историско минато на Битола е поврзано со илинденската епопеја. Тоа е градот во кој се одиграле много драматични настани, крај кој важел за најзначајниот револуционерен округ што регрутирал голем број храбри јунаци кој ги полжиле животите за денес да имаме слободна и независна држава. Илинден е кодот на македонскиот народ, најголемиот национален празник што со гордост го прославуваме велат граѓаните.

„Тоа е голем празник и покрај жешкото време ќе смогнеме сили да одидеме во Крушево, Трново и останатите места каде традиционално се чествува овој празник“, вели Сашо Ристевски.

„Илинден го доживувам на два начини- како верски празник Св.Илија и секако како ден на македонската револуција која нема да стивне се до нашата самобитност“, вели Петко Бурлиовски.

„Да им одадеме почит на нашите илинденци затоа што тоа за мене е празник над празниците“, вели Стевче Тасевски.

Чествувањето започнува в среда со 45-тото издание на фестивалот „Илинденски Денови“. На повеќето локации ќе настапат над илјада учесници од пет замји. Четири фестивалски вечери на кои ќе бидат претставени традицијата и обичаите на учесниците, во духот на мислата на македонскиот идеолог Гоце Делчев за културен натппрвар меѓу народите.

„Овој фестивал е чувар на традицијата и нашето богато културно наследство, но истовремено е местото каде ќе се запознеме со културните вредности и на други држави“ рече директорот на Центарот за култура, Борче Димитровски.

Фестивалот на свој начин го подига предилинденскиот дух и е вовед во неделниот голем народен собир во подпелистерското село Трново. Местото каде на Илинден доѓаат и нашите иселеници и протераните од Егејот, местото на плачот од каде по кој знае кој пат ќе бидат испратени пораките до светот за исправување на многуте претрпени историски неправди. 

 

Стевче Митревски