На границата со Унгарија, убиен мигрант од Авганистан
На границата со Унгарија во тепачка меѓу мигрантите убиен еден државјанин од Авганистан, а 2 се потешко повредени...
Еден државјанин на Авганистан е убиен а две лица се потешко повредени изутрината во општа тепачка меѓу две групи мигранти во Бачки Виногради- на самата граница со Унгарија- соопштија од полицијата. Во тепачката се користени се и ножеви, а повредените се пренесени во болница.Истрагата е во тек.
Според очевидецот Матија Шош, во тепачката учествувала поголема група мигранти
„Видов дека има крв. Го видов убиството. Беше голем метеж и караница. Имаше и женски лица. Јас ја повикав полицијата“, изјави Матија Шош.
Од почетокот на годината-спред српските власти, евидентирани се над 61.000 мигранти, кои од Грција преку Македонија влегуваат во Србија на патот кон Унгарија.
Властите сметаат дека Унгарија со подигањето ѕид на границата нема да постигне ефект, туку само ќе го зголеми криминалот со криумчарењето на мигрантите.
Досега српската полиција има поднесено 440 кривични пријави против 600 лица за криумчарење и загрозување на животот на мигрантите. Во Прешево е изграден прифатен центар, а премиерот Вучиќ изјави дека српскиот буџет неможе уште долго да го издржи нивното згрижување.
И ЕУ е во постојан контакт со властите во Белград, со цел да се најде начин да помогнат. Досега Србија нема упатено барање за помош, а од ЕК порачуваат дека се подготвени да издвојат средства за помош за справување со кризата со мигрантите.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ