Турција: Војската нападна курдско село, рација во Анкара

27.07.2015 16:55

Во текот на неколкудневната антитерористичка операција во земјата турската полиција уапси најмалку 900 лица осомничени дека се поврзани со Исламска држава. Изутрината за време на претрес во домовите на наводни членови на џихадистичката огранизација биле уапсени 15 лица, од кои 11 странски државјани...

Турски тенкови во текот на ноќта гранатирале село под контрола на курдските сили на северот од Сирија. Притоа раниле најмалку четири борци кои заедно со курдите се борат против Исламска држава. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Лондон истакна дека се работи за најсериозниот напад на Турција врз област под контрола на курдите за време на судирите во Сирија.

Во текот на неколкудневната антитерористичка операција во земјата турската полиција уапси најмалку 900 лица осомничени дека се поврзани со Исламска држава. Изутрината за време на претрес во домовите на наводни членови на џихадистичката огранизација биле уапсени 15 лица, од кои 11 странски државјани.

Според полицијата, тие вршеле јавна пропаганда за да привлечат млади луѓе во редовите на милитантите  и да ги испраќаат во Сирија. Истовремено со акцијата, вооружените сили на Турција извршиле неколку напади врз позиции на ИД во Сирија и објекти на ПКК во северниот дел на Ирак. 

Главниот секретар на НАТО, Столтенберг во очи состанокот на НАТО свикан на барање на Анкара, изјави дека Турција е доволно моќна и дека немало барање за воена поддршка од Алијансата.

„Во петокот зборував со турскиот премиер Давутоглу и му изразив сочусвтво за загубените животи и му честитав за напорите на Турција во борбата против Исламска држава, против тероризмот“, изјави Јенс Столтенберг, генерален секретар на НАТО.

Турскиот премиер Давутоглу изјави дека воздушните напади против исламитите и бунтовниците од Работничката партија на Курдистан можат да ја променат рамнотежата во Сирија и во Ирак.

Тој истакна дека нема планови да испрати војска во Сирија и дека воздушните напади имаат за цел да бидат поддршка за умерените бунтовници кои се борат против Исламска држава. САД ја повикаа официјална Анкара и ПКК да избегнуваат насилство, но исто така порачаа дека Турција има право да се брани од нападите на курдските бунтовници.

 

Марина Автовска