Информативни видео спотови за заштита од топлото време за лица со оштетен слух
Лицата со оштетен слух ќе можат да научат за основните постапки и процедури кои се препорачани и се применуваат во случај на високи температури...

Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Центарот за управување со кризи, Заводот за рехабилитација на деца со оштетен слух, говор и глас и други проблеми во развојот Кочо Рацин – Битола и Министерството за образование и наука изготвија серија на кратки информативни видео спотови кои можат да им помогнат на лицата со оштетен слух полесно да се справат со различни природни катастрофи, како што се земјотреси, поплави и поројни дождови, соопштуваат од ЦУК.
Со оглед на постојната состојба со екстремно високите температури и топлотниот бран, прв од серијата на видео спотови е за подготвеност и заштита во случај на топло време. Лицата со оштетен слух ќе можат да научат за основните постапки и процедури кои се препорачани и се применуваат во случај на високи температури.
Со ова се продолжуваат активностите за јакнење на свеста и знаењето на различните категории на граѓани за справување со кризни состојби. Досегашната соработка овозможи обука на околу 18.000 ученици и околу 2.000 наставници од училиштата ширум земјата, како и показно тактички вежби за справување со кризни состојби.
