Македонија- успешна против трговијата со луѓе
Меѓу 188–те земји набљудувани од Стејт департментот, Македонија е во првата категорија од 31 држава, лидер во борбата против овој вид криминал...

По петти пат последователно Македонија е рангирана во групата земји кои ги исполнуваат стандардите за справување со трговијата со луѓе. Меѓу 188–те земји набљудувани од Стејт департментот, Македонија е во првата категорија од 31 држава, лидер во борбата против овој вид криминал. Зад нас се сите земји од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Турција.
Македонија остана лидер во регионот, за нас како Министерство, но и за Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, во која партиципираме, значи обврска за сериозна анализа на извештајот и постапување по препораките. Во овој 15-ти извештај по ред, Република Македонија остана единствената земја од поширокиот регион која е рангирана меѓу 31 земја кои се наоѓаат во групата ТИЕР 1. Минатата година во оваа група освен Македонија беше и Словенија која сега е сместена во групата ТИЕР 2, така што сега сме рангирани во иста категорија со Австрија, Германија, Данска, Финска, Франција, Чешка, Канада, Норвешка, Холандија, Белгија, Швајцарија, Шведска и други, соопшти помошникот министер за односи со јавност во МВР, Иво Котевски.
Сите наши соседи, како и останатите земји во регионот, се посочува во соопштението, се рангирани во групата ТИЕР 2, односно земји кои не ги исполнуваат целосно стандардите, додека Бугарија е сместена во рамки на посебната листа од оваа група.
