Почна проширувањето на раскрсницата на улиците Благоја Стефковски и Жан Жорес
Оваа раскрсница со години претставува црна сообраќајна точка на која секојдневно се создава голем сообраќаен метеж и се формираат колони возила, особено при вртењето во лево кон населбата Ченто...

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски, денеска го означија почетокот на градежните работи за проширување на раскрсницата на улиците Благоја Стефковски и Жан Жорес, во населбата Маџари, општина Гази Баба.
Денеска почнуваме уште еден градежен зафат кој во голема мера ќе го олесни одвивањето на сообраќајот во овој дел од градот. Оваа раскрсница со години претставува црна сообраќајна точка на која секојдневно се создава голем сообраќаен метеж и се формираат колони возила, особено при вртењето во лево кон населбата Ченто. Сега, улицата Благоја Стефковски при влегувањето во крстосницата ќе се прошири и ќе се формира посебна лента за вртење во лево и посебна лента за движење право, од двете страни на крстосницата. Новопроширениот коловоз во раскрсницата ќе биде на површина од околу 1.200 квадратни метри. Со овој проект, ќе се овозможи растоварување на сообраќајот на оваа крстосница, ќе се скрати времето на патување и ќе се придонесе за заштита на животната средина. На проширување на раскрсницата на улиците Благоја Стефковски и Жан Жорес, во населбата Маџари, ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“, а за реализација на овој проект Градот Скопје ќе одвои околу 4,5 милиони денари. Градежните работи се очекува да завршат за околу 2 месеца. Апелирам до граѓаните да покажат трпение додека траат градежните работи на оваа крстосница и да ја приспособат брзината на движење на условите на патот – рече градоначалникот Трајановски.
Во текот на градежните работи за проширување на крстосницата меѓу улиците Благоја Стефковски и Жан Жорес на терен ќе се направи ископ, ќе се вгради тампонски слој, новопроширениот коловоз ќе се асфалтира и ќе се обележи хоризонталната сигнализација. По проширувањето на крстосницата ќе се уредат и тротоарите.
