Двојно убиство: Мајка и син застрелани во Козле

28.07.2015 15:08

Мајка и син се убиени во куќа во скопската населба Козле. Турските државјани од Бурса биле дојдени на гости кај своите сватови. Убиството домаќинот во полиција го пријавил во 5.30 утринава. Кои биле мотивите, индентитетот на жртвите– нема детали. Полицијата врши увид. Екипа на МТВ беше на терен...

Од Турција дошле во Скопје да ги посетат сватовите и тоа им било последното патување. Мајка и син се убиени во домот на снаата, неколку часа по полноќ. Домаќините биле на горниот кат, а гостите спиеле во соба на приземјето. Кога сватот слегол долу, видел дека гостите безживотно лежат и повикал полиција околу 5 и 30 изутрината.

Ова е улицата број 3 во скопската населба Козле кадешто изутрината се случи грозоморното двојно убиство. Соседите сведочат дека населбата била мирна, и никогаш порано не се случувале поголеми инциденти. Иако МТВ побара дозвола од полицијата да пријде поблизу до куќата кадешто се случи убиството за да направи инсерти, сепак дозвола за снимање не ни беше одобрена.  

Зетот бил на возраст од 29, а неговата мајка на 52 години. Двајцата се пронајдени со повреди во пределот на главите, најверојатно од огнено оружје. Бидејќи никој не слушнал истрели, полицијата утврдува дали жртвите се застрелани со пиштол со пригушувач. Телата се предадени за обдукција.

„Кај 10 и 30 дојде погребалното и влегоа внатре и ги изнесоа покриени со чаршав. Што е како е- не знам“, вели жителка на Козле.

Форензичарите на терен собираа докази кои упатуваат на извршителот. Полицијата засега нема информации за мотивите на убиството.  

 

Анита Димитријевска