Македонија- регионален лидер во борбата против трговијата со луѓе

28.07.2015 15:23

По петти пат последователно Македонија е рангирана во групата земји кои ги исполнуваат стандардите за справување со трговијата со луѓе. Меѓу 188 –те земји набљудувани од Стејт Департментот државава е регионален лидер во борбата против овој вид криминал. Зад нас се сите земји од Југоисточна Европа, вклучувајќи ја и Турција...

Верификација на уште едно значајно постигнување и потврда за континуираниот ангажман во борбата против трговијата со луѓе - ова е коментарот на Министерството за внатрешни работи за извештајот на Стејт Департментот во кој Македонија петти пат по ред е во групата земји кои оптимално ги исполнуваат стандардите за справување со овој вид криминал.

Земјава останува во првата категорија од 31 држава како лидер заедно со Австрија, Германија, Данска, Франција, Финска, Белгија. Зад нас се сите земји од Југоисточна Европа.

„Фактот дека Македонија остана лидер во регионот, за нас како Министерство, но и за Националната комисија за борба против трговијата со луѓе, во која партиципираме, значи обврска за сериозна анализа на извештајот и  постапување по препораките“, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност во МВР.

Во извештајот се потенцирани- поведувањето истрага и обвинение против седуммина полициски службеници поврзани со трговија со луѓе, како и зголемувањето на средствата за помош на жртвите..

Вкупниот број на идентификувани жртви е намален – 7. Три  биле принудени на сексуална експлоатација и исто толу на трудова. Едно, питачело. Владата за нивна заштита потрошила 183 илјади долари, повеќе од двојно во споредба со лани.

За МВР останува предизвик соочувањето со фактот што Македонија останува дестинација на луѓе кои се принудени на експлоатација. Жртвите во земјава главно доаѓаат од Источна Европа и соседството, а македонски државјани се жтртви на експлоатација во Јужна, Централна и Западна Европа.

 

Наташа Гркова- Петрушевска