Државните институции почнаа да се приспособуваат на измените на Законот за прекршоци
На Владина седница поминаа 20-ина закони за усогласување на регулативата. Новините ќе го растоварат бизнисот од високите трошоци, бидејќи висината на глобите се приспособува на економската моќ на фирмите...

Државните институции ги усогласуваат материјалните закони со новиот Закон за прекршоци со кои се намалија глобите за правните субјекти. Откако Собранието минатата недела ги донесе измените за прекршоци, Владата на денешната седница разгледала 20-тина измени на материјални закони поднесени од институциите.
„Од различни области- земјоделие, труд и социјална политика, економија, финансии, царина, кои опфаќаат 80-90 проценти од најчестите прекршоци кои се случуваат. Тие веднаш ќе бидат испратени во Собранието за натамошно изгласување, со цел што побрзо да се создаде правен амбиент за да може да се ползуваат ефектите од намалените санкции за стопанските субјекти“, изјави владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.
Со Законот за прекршоците, значително се намалуваат глобите за субјектите. Кога ќе се одредува глобата, критериум е вкупниот проход од претходната фискална година, потоа бројот на вработени и поведението на правниот субјект претходно.
Првиот дел е најмногу 70% и ќе се одмерува во зависност од приходот на фирмата на која и е изречена глобата, а ќе може да биде од 10%, па се до 70%. Вториот дел од изречената глоба ќе се одмерува до најмногу 20%, во согласност со бројот на вработени, а третиот дел од 10%, ќе се внесува во казната само ако фирмата има лошо поведение во минатото. Збирот на трите дела ќе ја даде сумата која што треба да се плати.
Ова во пракса значи ако на една фирма со 9 вработени, а такви се 85% од фирмите во земјава, остварила приход од 500 илјади денари, а преходно не била санкционирана, ќе плати само 15% од сумата која претходно, пред донесување на овој Закон, требало да ја плати. Односно, ако претходно глобата изнесувала 500 евра, со примената на Законот за прекршоци, таа ќе биде само 75 евра.
Миле А. Ристески
