Трет пакет за спас: Почнаа разговорите меѓу Грција и кредиторите
Во Атина почнаа разговорите меѓу Грција и меѓународните кредитори за третиот спасувачки пакет за земјата. Претставниците на тројката ги чешлаат институциите, бараат реформи пред да дадат зелено светло за финансиската помош...

Грчките меѓународни кредитори ги почнаа подготвителните разговори со грчките власти. Претставниците на Европската Комисија, на Европската Централна Банка и на Меѓународниот монетарен фонд требаше да пристигнат во Атина минатата недела, но тоа беше одложено поради несгласувањата околу процедуралните прашања и логистиката.
Иако по преземањето на власта, грчкиот премиер Алексис Ципрас порача дека претставниците на Тројката повеќе нема да смеат да доаѓаат во грчките државни институции и дека нивните состаноци ќе се оддржуваат или во атинските хотели или пак во Брисел, тие сега сепак ретерираа и се согласија на инспекторите да им се овозможи пристап во повеќето од грчките министерства. новите
Од Европската Комисија информираа дека на средбите се разговара за дополнителните реформски пакети што грчките власти се обврзаа да ги спроведат со договорот од 13 јули.
„Соработката со грчките власти оди непречено, но во однос на датумите за заклучкото не постои фиксен рок, институциите работат напорно за да постигнат договор што е можно побрзо“, изјави портпаролот на Европската комисија за финансиски работи.
Полицијата во грчката престолнина има преземено специјални мерки за заштита на странските претставници. Овде, пред хотелот Хилтон каде што тие претстојуваат, распоредени се околу 250 полицајци. Освен тоа, доделено им е и лично полициско обезбедување, додека над нивните глави постојано лета хиликоптер, надгледаувајќи го секој нивен чекор.
Марија Котовска- постојан дописник од Атина за МРТ
