САД: Илегалните мигранти кои не го прекршиле законот ќе бидат поштедени од депортација

29.07.2015 10:22

Со претседателските наредби од ноември минатата година, американскиот претседател Барак Обама стави под заштита од депортирање над 9 милиони од вкупно 11 милиони илегални имигранти во Соединетите Американски Држави. Со новите правила за работа на граничните агенции, најмногу од имигрантите ќе бидат спречувани да влезат во САД на границата со Мексико...

Илегалните имигранти во Соединетите Американски Држави коишто не го прекршиле законот ќе бидат поштедени од депортација. Приоритетно за американските гранични агенции ќе биде депортирањето на 1,4 милион илегалци коишто извршиле криминални дела во САД. 

„Приоритет за полициските агенции се имигрантите кои се закана за националната безбедност, вклучувајќи членови на банди и претходно осудени лица. Сега овој приоритет е проширен на луѓе кои се запрени на границата и луѓе кои се осудени за тешки криминални дела. Втората категорија се луѓе коишто се осудени за две три полесни или едно потешко криминално дело, како и луѓе коишто влегле или повторно се вратиле во земјата по јануари 2014-та. Третиот приоритет за депортација се луѓе коишто добиле наредба за заминување во 2014-та“, вели Марк Розенблум, институт за миграциска политика во Вашингтон.

Според наредбите на американскиот претседател Барак Обама од ноември минатата година, приоритет ќе биде депортирањето на илегалците на границата со Мексико. Во 2014-та година, американските гранични агенции депортирале 102 илјади илегалци што е намалување во однос на минатите години.

„Според најновите насоки, имигрантите коишто живеат во земјава со години нема да бидат приоритет за депортација. Тоа значи дека годишно ќе бидат депортирани околу 25 илјади имигранти помалку. Околу 5,2 милиони имигранти имаат некаква заштита од депортирање“, изјави Мери Џованоли, заменик помошник секретар за имиграциска политика во Хоумленд Секјурити.

Родителите на деца родени во Америка коишто се американски државјани нема да бидат депортирани доколку редовно го пријавуваат нивниот статус секои три години. 

Според најновите податоци од последниве пет години, годишно од САД се депортираат околу 1.000 македонски државјани.

 

Ирина Гелевска, постојан дописник од Вашингтон за МРТ