Мигранти во очаен јуриш под Ла Манш до ветената Британија

29.07.2015 12:59

1.500 илегалци ја пробија оградата само еден ден откако 2 илјади упаднаа во терминалот. Двонеделните блокади поради штрајкот на превозниците ги обелоденија сериозните безбедносни проблеми...

Ризикуваат рака или нога, некогаш и животот. По последниот очаен јуриш под Ла Манш до ветената земја Британија, најдено е мртвото тело на мигрант – 20 годишен Суданец удрен од камион, осмиот мигрант загинат во Евротунелот од почетокот на минатиот месец.

1.500 илегалци ја пробија оградата само еден ден откако 2 илјади упаднаа во терминалот. Двонеделните блокади поради штрајкот на превозниците ги обелоденија сериозните безбедносни проблеми. Стотици мигранти што скокаат на возови и камиони во движење – возачите велат дека станува опасно, поставуваат челични и двојни брави.

„Мораш да ги заклучиш вратите, не смееш да ги погледнеш во очи, не смееш да запираш, тоа ги прави агресивни“, вели Вејн Катлер, возач на камион.

„Беа користени ножеви, челични шипки, имаме и пример кога на возач му беше вперен пиштол“, изјави Ричард Бенет, здружение на возачите на камиони.

Мигрантите не можат ни да се приближат до тунелите. За сега обидите се ограничени на платформите, но предизвикаа големи пречки во сообраќајот. Британија и Франција заеднички ќе се борат против мигрантската наезда во тунелот - дополнителни 10 милиони евра се доделени за огради, камери и полициски кучиња.

„Ова е многу сериозно. Жал ми е за туристите на кои им беше отежнат пристапот до Кале. Правиме се што можеме заедно со Французите да му ставиме крај на ова“, изјави Дејвид Камерон, премиер на Велика Британија.

„Јасно е дека мора да се справиме со криминалните банди и со криумчарите кои профитираат од маката на луѓето“, рече Тереза Меј, претседавач со комитетот Кобра.

Пречките во изминатите денови предизвикаа километарски колони од камиони пред Евротунелот во Кале. Се пресметува дека ваквите застои ја чинат британската економија неверојатни 250 милиони евра дневно.

 

Ивана Салтировска